Автор и водител:
<strong>АНДЕ Д. ЈАНКОВ</strong> е роден во престапната 1988 година, (година на првиот компјутерски вирус и година кога фудбалската репрезентација на Холандија за последен пат освојува еден голем интернационален турнир – Европското првенство ’88), уште откако се сеќава за себе покажува интерес за пишаниот збор.
Голем дел од слободното време го поминува читајќи книги од домашната библиотека, со што и се рaѓа неговата љубов кон книжевноста.
Средното образование го завршува во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес во 2007 година, по што образованието го продолжува на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За време на неговите студии прв пат почнува да пишува кратки раскази.
Во јули 2014 година, му се пружа можност да помине две седмици на грчкиот остров Крит, во прекрасниот град Хања, каде и ја добива инспирацијата за да почне да го пишува својот прв роман.
Во септември 2015, романот „Едно лето на Крит” го освојува првото место на конкурсот „Романијада” во организација на издавачката куќа „Култура”.
Наредната година, 2016 (повторно престапна) во февруари, „Едно лето на Крит” ја доживува својата промоција, а првичните реакции на читателите се повеќе од охрабрувачки.
Во 2020 година, го издава својот втор роман, “Виенски Гамбит” во издание на издавачката куќа Антолог.
Гостин:
ЕВА РИСТЕВСКА (1999, Дрмени, Ресенско)
Уште како мала, уживајќи во пишаниот збор, пишува пред се за својата душа користејќи го псевдонимот Црна ружа – со што во основно и средно образование добива повеќе награди на конкурси за пишување состави.
Пред издавањето на нејзиниот прв роман, до нејзината тринаесет годишна возраст, таа пишувала детски раскази и кратки приказни од кои го издвојува и нејзиниот прв обид за роман наречен „Оскар Стив и Суара Мекалистер трагаат по тајните богатства“, но не го објавува, пред се – вели- поради младата возраст и неукоста во светот на книжевноста.
На четиринаесет години започнува со пишувањето на нејзиниот прв роман – „Ангус“, кој самостојно го издава на крајот од прва година средно образование во 2015 година преку издавачката куќа Ѓурѓа.
Подоцна, во наредните четири години се посветува на пишување кратки текстови – „Мемоари без наслов“ или делови од нејзиниот живот, од кои се раѓа романот „Звукот на тишината“ (Издаден 2021) .
Денес Ева е студентка во четврта година на теориска математика на ПМФ во Скопје, со љубов кон пишувањето, философијата, цртањето портрети и музиката – особено пеење за своја душа и свирење на пиано.
На прв поглед – повлечена и срамежлива девојка, која сака да води долги и длабоки разговори.
Таа вели дека како автор, се обидува да допре до длабочината на човечката душа, да ги прикаже сите мисли, чувства и секојдневните битки на една обична личност во која може да се пронајде секој од нас.