БУККАСТ со АНДЕ Д. ЈАНКОВ С3Е18 книга “Ноќите кога заспивавме во Помпеја” од ДАВОР СТОЈАНОВСКИ

Автор и водител:
АНДЕ Д. ЈАНКОВ е роден во престапната 1988 година, (година на првиот компјутерски вирус и година кога фудбалската репрезентација на Холандија за последен пат освојува еден голем интернационален турнир – Европското првенство ’88), уште откако се сеќава за себе покажува интерес за пишаниот збор.
Голем дел од слободното време го поминува читајќи книги од домашната библиотека, со што и се рaѓа неговата љубов кон книжевноста.
Средното образование го завршува во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес во 2007 година, по што образованието го продолжува на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За време на неговите студии прв пат почнува да пишува кратки раскази.
Во јули 2014 година, му се пружа можност да помине две седмици на грчкиот остров Крит, во прекрасниот град Хања, каде и ја добива инспирацијата за да почне да го пишува својот прв роман.
Во септември 2015, романот „Едно лето на Крит” го освојува првото место на конкурсот „Романијада” во организација на издавачката куќа „Култура”.
Наредната година, 2016 (повторно престапна) во февруари, „Едно лето на Крит” ја доживува својата промоција, а првичните реакции на читателите се повеќе од охрабрувачки.
Во 2020 година, го издава својот втор роман, “Виенски Гамбит” во издание на издавачката куќа Антолог.

Гостин: ДАВОР СТОЈАНОВСКИ
Роден на 8.3.1987 во Скопје. Дипломира на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрира на истиот факултет, на студиската програма за Македонска книжевност, со трудот „Историографската метафикција од С до З (Анализа на двете верзии Сестрата на Сигмунд Фројд и Сестрата на Зигмунд Фројд од романот на Гоце Смилевски)“.
Добитник на наградата „Ана Франк“ за театарската пиеса „Буна на времињата“ (2005, Феникс) и на откупната награда на конкурсот за краток расказ на Нова Македонија за расказот „Соба со тенки ѕидови (Сонувајќи го Цејлон)“ (2011).
Неговиот прв роман, „Ненасловена месечева соната“ (2013, Или-или) влезе во потесниот избор со четири други романи, за наградата Роман на годината на Утрински весник.
Неговиот втор роман, „Собирачи на пепел“ (2016, Или-или) ја доби наградата Роман на годината на Утрински Весник. Двата романи се преведени и објавени на бугарски јазик.
Пишува во речиси сите книжевни жанрови. Дел од неговото творештво е објавен во домашни и во странски антологии и книжевни списанија.
Се занимава и со музика. Членувал во бендот Foolish Green со кои го објавува албумот Escape (2013).
Работел како копирајтер во маркетинг-агенција и како уредник во издавачка куќа.
Моментно преведува од словенечки на македонски. Досега се објавени преводи на четири словенечки сликовници, меѓу кои и „Maček Muri“ („Мачорот Мури“) на Каетан Кович (2016, Темплум).
Живее во Австрија.

MKD / EUR
MKD Македонски денар