Автор и водител:
<strong>АНДЕ Д. ЈАНКОВ</strong> е роден во престапната 1988 година, (година на првиот компјутерски вирус и година кога фудбалската репрезентација на Холандија за последен пат освојува еден голем интернационален турнир – Европското првенство ’88), уште откако се сеќава за себе покажува интерес за пишаниот збор.
Голем дел од слободното време го поминува читајќи книги од домашната библиотека, со што и се рaѓа неговата љубов кон книжевноста.
Средното образование го завршува во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес во 2007 година, по што образованието го продолжува на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За време на неговите студии прв пат почнува да пишува кратки раскази.
Во јули 2014 година, му се пружа можност да помине две седмици на грчкиот остров Крит, во прекрасниот град Хања, каде и ја добива инспирацијата за да почне да го пишува својот прв роман.
Во септември 2015, романот „Едно лето на Крит” го освојува првото место на конкурсот „Романијада” во организација на издавачката куќа „Култура”.
Наредната година, 2016 (повторно престапна) во февруари, „Едно лето на Крит” ја доживува својата промоција, а првичните реакции на читателите се повеќе од охрабрувачки.
Во 2020 година, го издава својот втор роман, “Виенски Гамбит” во издание на издавачката куќа Антолог.
Гостин:
ЗОРАН МИЛОШЕВСКИ (1981, Битола).
Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Пишува од најрана возраст, но неговите дела ја здогледуваат светлината на денот дури во последните неколку години.
Се истакнува исклучиво како писател на научна фантастика. Во пишувањето сака фантастиката да ја комбинира со периоди од античата историја и така, создава интересни споредби.
Автор е на делата „Сага за Тројство“ ПНВ Публикации 2018 ИСБН: 978-608-4641-77-3 (едно од првите покомплексни научно-фантастични дела досега издадени во Република Македонија) и на првите два дела од серијалот „Последна граница“: „Последна граница-книга прва: Истапени сечила“ – ПНВ Публикации 2019 ИСБН 978-608-265-001-2 и „Последна граница- книга втора: Бунар оловни солзи“ – ПНВ Публикации 2021 ИСБН: 978-608-265-070-8). Третиот дел од серијалот „Последна граница- книга трета: За грст пекол“ треба да излезе во текот на 2022 година.
Серијалот „Последна граница “, се врсти во т.н. социјална научна фантастика (Антиципација).
Моментално работи на четвртиот дел од серијалот, наречен „Последна граница – книга четврта: „Калени во крв“, како и на збирката од кратки научно-фантастични раскази, од кои еден, „Писателот и господинот Смрт“ излезе во третиот бртој на електронското списание „(е)лит“ во февруари 2022 година.
Активно работи на промовирањето на жанрот на научната фантастика во нашата земја.