Буккастот (Bookcast) Книжевни разговори со Анде, е замислен како неделна подкаст емисија, во која ќе слушнете и видите негови интервјуа спроведени со еминентни но и нови писатели, книжевни работници, издавачи и љубители на книжевниот збор, со цел да продолжиме со активности помеѓу нашата читателска публика во времиња во кои повеќето настани од разбирливи причини се префрлуваат online.
Автор и водител:
АНДЕ Д: ЈАНКОВ е роден во престапната 1988 година, (година на првиот компјутерски вирус и година кога фудбалската репрезентација на Холандија за последен пат освојува еден голем интернационален турнир – Европското првенство ’88), уште откако се сеќава за себе покажува интерес за пишаниот збор.
Голем дел од слободното време го поминува читајќи книги од домашната библиотека, со што и се рaѓа неговата љубов кон книжевноста.
Средното образование го завршува во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес во 2007 година, по што образованието го продолжува на универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.
За време на неговите студии прв пат почнува да пишува кратки раскази.
Во јули 2014 година, му се пружа можност да помине две седмици на грчкиот остров Крит, во прекрасниот град Хања, каде и ја добива инспирацијата за да почне да го пишува својот прв роман.
Во септември 2015, романот „Едно лето на Крит” го освојува првото место на конкурсот „Романијада” во организација на издавачката куќа „Култура”.
Наредната година, 2016 (повторно престапна) во февруари, „Едно лето на Крит” ја доживува својата промоција, а првичните реакции на читателите се повеќе од охрабрувачки.
Во 2020 година, го издава својот втор роман, “Виенски Гамбит” во издание на издавачката куќа Антолог.
Гостин:
ЈОРДАН КОЦЕВСКИ (1983, Охрид)
Горд татко на 2 деца, докторирал на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид. Работи како туристички водич, додека се обидува да го остави својот печат и како писател.
Првата книга, збирката раскази „Време за живеење“, ја има објавено во 2001 г.
Неговата стрип-антологија во коавторство со Дарко Богданов, „Мрак Хумор Тишина“ излезе од печат во 2014 г., а со истиот илустратор ја издаде и првата графичка новела „Витези од соседството“ во 2016 г.
Добитник е на две награди за стрипот „Our Eden“, додека неговата книга „Прозорецот“ беше наградена и објавена во електронска форма од страна на „Фондација Македоника“ во 2016 г.
Неговите кратки стрипови, како сценарист, се објавени во повеќе списанија за стрип во земјата и во странство. Автор е и на триесетина научни и стручни трудови од областа на туризмот и угостителството.
Тој е главен и одговорен уредник на „(е)Лит“, електронско списание за книжевност и друга уметност.
Првиот роман “Тегли” е објавен во 2021година од ПНВ Публикации.