Патувањето низ времето е класична тема на научната фантастика уште од 1895 година, кога Х. Џ. Велс го објави славниот роман „Временска машина“, во кој главниот јунак со помош на времеплов отпатува 30 милиони години во иднината. Од тогаш до денес, на оваа тема е потрошено многу мастило. Истражувањето на природата на времето нè води до големи прашања за самата природа на стварноста, за испреплетувањето и меѓусебното дејство на нашата перцепција и она што го нарекуваме реалност, како и до храбри замисли дека времето е само привид создаден од нашата свест, налик на некаква огромна проекција во нашиот ум.
Најголемиот проблем со кој се соочува секој што сака да патува низ времето е тоа што никој всушност не знае што е времето. Постојат стотици дефиниции, и веројатно сите се делумно точни – што значи дека се и делумно погрешни.
Што е времето? Дали е можно да се манипулира со протокот на времето? Дали е можно да се патува низ времето? И на крајот, дали некој го остварил тој подвиг? Во обидот да се дојде до одговорите, ниту една информација не била доволно необична за да не биде вклучена заедно со другите во книгата и предавањата на Крешимир Мишак, кој покажа дека зборот „невозможно“ е само одраз на непроверени претстави и вградени уверувања.
